Секоја година во септември, на летната сцена пред Домот на културата во село Истибања, Виничко, се одржува Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здраво-живо“. На овој фестивал, кој ја негува изворната традиција, обичаи, песни, ора и музика, учествувале фолклорни ансамбли од Ерменија, Молдавија, Словенија, Нигерија, Бугарија, Русија, Романија, Грузија, Индија, Србија, Турција и други земји. Од Македонија настапиле речиси сите фолклорни ансамбли.
 

     
 

Фестивалот започнува со фолклорно дефиле на учесниците низ улиците на Истибања, како и со фрлање на цветни венчиња во реката Брегалница, традиционален обичај на истибанчани, кој се негува до денешни дни. На манифестацијата се одржуваат целовечерни концерти на ансамблите, а финалниот настап секогаш е своевиден гала-концерт на плоштадот во Виница.