Фолклорни ансамбли од странство, традиционален начин на рачна жетва на ориз со срп и презентација на земјоделски алатки, предмети и јадења од ориз се содржините на меѓународната манифестација „Кочански денови на оризот“, која се одржува на оризовите ниви во селото Долни Подлог, Кочанско. Манифестацијата го слави оризот, симболот на кочанскиот крај со векови. Манифестацијата е спој на традицијата и современиот уметнички израз и приказ на патот на оризовата култура од нивата до трпезата.
 


 

Главен настан на „Кочанските денови на оризот“ е зажнејувањето, автентична изведба на жетва со срп со фолклористи во изворна народна носија, со кое се прикажува рачното собирање на родот од нивите со срп и сите адети (обичаи) со него - благослов за жетвата, аргатски ручек на нива, наджнејување и натпејување меѓу жетварите, врзување снопје.
 


 

Свеченостите ги следат многу гости од странство, а во програмата учествуваат фолклорни ансамбли од Македонија, Словенија, Србија, Бугарија и од Турција.